Културно наследство на Конче

Историски гледано, материјалните податоци укажуваат дека на територија на Општина Конче животот се одвивал во континуитет уште од пред новата ера. Во ова подрачје постои мноштво на создадено наследство од кое одреден дел се со многу висока туристичка атрактивност.

Манастирот и црквата Свети Стефан во село Конче
Кога станува збор за недвижното културно наследство во Општина Конче, најрепрезентативниот објект е манастирската црква Свети архиѓакон Стефан, во кругот на некогашниот Конечки манастир. Таа се наоѓа во западниот дел на селото, во непосредна близина до училиштето „Гоце Делчев“, во самото подножје на Конечка Планина. Значајно е да се спомне дека овој комплекс има две имиња. Второто име е „Пресвета Богородица“, по кое и денес е позната меѓу населението. Ова име се поврзува и со чудесната икона на Пресвета Богородица која сама се појавувала во манастирот и за која се верува дека доаѓала од гевгелискиот крај.
Како што се наведува во монографијата, манастирот бил подигнат или обновен од големиот војвода Никола Стањевиќ, за време на владеењето на цар Душан, пред 1366 година. За тоа, како што се наведува, сведочи еден средновековен документ (хрисовул) издаден во 1366 година, со кој цар Душан го потврдува приложувањето на манастирот под владеење на светогорскиот манастир Хилендар. Во манастирот во Конче ги поминала последните години од својот живот и била била погребана (кнегињата Катарина, з.н.) Кантакузина, ќерката на деспот Ѓураѓ. Според архитектонските карактеристики, црквата има форма на впишан крст со купола поставена врз осмостран тамбур, кој се издига на четири цврсти столбови. На источната страна од храмот е подигната петострана олтарна апсида со двоен т.н. бифорен прозорец, чиј отвор е поделен со мермерен четворостран столб, со пластична обработка од надворешната страна.
Помеѓу зачуваните композиции од оштетениот живопис, се посочени фреските „Причестување на апостолите“ и „Поклонувањето на Агнецот“ во апсидата, како и ликовите на Богородица и Христос на столбовите од иконостасот, настанати, според некои мислења, во времето пред 1371 година.
Иконите се од поново време, по направените првични реконструкции на црквата. Како автори на иконите од иконостасот се посочени Димитар Андонов – Папрадишки и штипскиот зограф Костадин Вангелов.
Драгоцени информации за манастирот во Конче и за црквата Свети Стефан се објавени во научната монографија „Манастир Конче“, чиј автор е српската историчарка на уметноста
Смиљка Габелиќ, од Институтот за историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Белград (2008).
Историјата на манастирот во времето на османлиското владеење,  ја осветлува еден податок од крајот на 15 век, кој се однесува на грофицата од Целје кнегињата Катарина Кантакузина Бранковиќ, погребана во манастирот. Во обидот да се расветлат причините за нејзиното доаѓање, се разгледува животниот пат на Кантакузина, кој завршил во манастирот кој некогаш бил метох на манастирот Хилендар на Света Гора. Животот во манастирот, како што наведува Габелиќ, подоцна згаснал, а бил обновен во втората половина од 19 и во 20 век. На тој период му се припишуваат доградената припрата, тремот и одделни елементи од портата, а обновувањето оставило траги и во внатрешноста на црквата, која добила понов фрескоживопис, висок иконостас со големи икони и насликан престол, кои сведочат за стремежите и видувањата на времето во кое биле создадени, а за кои се очекува да се произнесат некои нови истражувања.
Манастирот Свети Стефан во с. Конче претставува богат по содржина споменик на културата, кој во своето време бил, секако, еден од најистакнатите помеѓу своите современици, за што зборуваат и денешните негови остатоци.

Разурната камена кула е најстариот објект во состав на манастирот од периодот по изградбата на црквата. Подигната е во непосредната близина на апсидата на храмот, со влез во приземјето и прозорец на првиот кат, што укажува дека кулата се користела за живеење. Според формата и според начинот на кој е изградена, најверојатно му припаѓа на османлискиот период, кога на пошироката територија на Балканскиот Полуостров биле изградени многубројни кули со различни намени, меѓудругото – и резиденцијални. Спроед видливото, се чини дека кулата во Конче особено наликува на добро сочуваните кули во Кратово, ѕидани од кршен камен со обработени камени блокови на аглите, и со подземни ходници за евакуација, какви што се верува дека има и кулата во манастирот. Пред да се направат детални археолошки и архитектонски истражувања, не би можело да се тврди кога настанала и од кого била изградена, но не се исклучува можноста кулата да е изградена по нарачка на Катарина Кантакузина Бранковиќ.

Катарина Кантакузина Бранковиќ
Фактот што манастирот во Конче е местото на последното почивалиште на српската кнегиња и грофица на Целјската грофовија, Кантакузина. По таткова страна, Кантакузина е внука на средновековниот владетел Вук Бранковиќ (1329-1397) — владетел на Косово (1371-1398) и ќерка на Ѓураѓ Бранковиќ (1377-1456), владетел на Рашка и деспот на Србија (1427-1456). Од страната на нејзината мајка, Ирина Кантакузина, потекнува од лозата на византискиот император Јован VI Кантакузин (1292-1383), кој владеел во периодот од 1347 до 1354 година. Во историските записи, Катарина Кантакузина се среќава и како грофица Катарина Целјска, сопруга на грофот Улрих II од Целје, денешна Словенија, која сè до загинувањето на нејзиниот сопруг во битка кај Земунската тврдина, живеела во Грофовскиот дворец во Целје, а која и по стапувањето во брак останала доследна на православието, кое несебично го помагала.Информациите за значењето на Кантакузина и материјалните траги кои останале по неа, податокот дека таа почива во манастирскиот комплекс во Конче, како и по чествувањето на нејзиното име и дело во поширокиот регион на Балканот,  еден од најзначајните приоритети од културен и туристички аспект е изградба на музеј во нејзино име во рамки на манастирот Св. Стефан.

Селската џамија во Конче
Во центарот на Конче се наоѓа единствената џамија во општината и во неа муслиманите од овој крај доаѓаат на молитва. Според нејзината архитекура, таа е од понов датум и науката и локалното население не го знаат со точност датумот на нејзиното градење ниту, пак, дали истата е изградена врза темели на постара џамија или друг сакрален објект. Според поранешниот оџа во селото, Ејваз Хусеин (или Хусеин Ејваз; на турски јазик се споменува и како Хусеин Реџепов), џамијата во Конче некогаш настрадала во голем пожар, а во пожарот настрадала и голема колекција од книги и записи. Се претпоставува дека со пожарот засекогаш биле загубени многубројни информации за историјата и животот во селото Конче и во неговата околина.
Иако џамијата нема некои особени архитектонски и уметнички обележја, таа претставува убаво сочуван религиозен објект со трем, кој според особеностите, најверојатно потекнува од доцноосманлискиот период и врз кој се извршени неколку преуредувања низ годините. Претпоставка е дека последната интервенција датира од XIX век. На местото на старото минаре, со едно шерефе, во 2011 година е изградено повисоко минаре, со две шерефиња.Пред влезната врата од џамијата е изграден трем.Внатрешноста на џамијата е богато декорирана. Ѕидовите се осликани или украсени со керамички плочки кои прикажуваат флористички елементи во традиционален исламски стил и пораки од кураност напишани во манири на арапска калиграфија. Како и кај другите џамии, и во оваа, организацијата на внатрешноста е поставена така за просторот да дозволува сите верници да го гледаат имамот при проповедањето и вршењето на обредот.
Џамијата во с. Конче е во надлежност на Штипско муфтиство на Исламската заедница на Македонија.

Османлиско турбе во близина на селата Дедино и Конче
Според еден напис споделен на една од страниците на социјалната мрежа „Фејсбук“ посветени на Општина Конче и на селото Конче, на која се објавуваат содржини на турски јазик, станува збор за локалитет на кој може да се видат остатоци од гробница ѕидана од камен, која според стилот упатува на објект од османлискиот период. Овој локалитет се наоѓа на потегот меѓу селата Дедино и Конче, во близина на вливот на реката Тиска во реката Лакавица. Турбето е лесно забележливо и пристапно за посета бидејќи се наоѓа во близина на патот кој води кон Конче.
Според искази од локалното население Турци, пренесени во написот, во гробницата бил погребан, како што се наведува, Гази Неврунуз-бег (се споменува и како Гази Неврузу-бег), кој бил ранет за време на некоја битка и искрвавил на бојното поле токму на местото каде што се наоѓа турбето, кое било подигнато во негов спомен. Името Неврунуз-бег, Неврузу-бег или Евронос-бег, како што со нагаѓање за вистинската форма го користат соговорниците од Конче, уште веднаш упатува на можноста дека можеби се работи за гробница на (долговечниот) Гази Евренос-бег (1288-1417), еден од знаменитите војководци од првите походи на Османлиската Империја кон европскиот континент, кој ги освоил Дојран, Прилеп и Скопје, од градовите на територијата на денешна Република Македонија и кој бил учесник во Косовската битка.На местото на турбето некогаш се правело панаѓур, секоја година, на кој се собирале луѓето од селото со семејствата, во спомен на загинатиот воин. Панаѓурот се одржувал 30 денови пред празникот Хидрелез (Ѓурѓовден), на 5 или на 6 април. Според некои, празнувањето било на денот Благовештение (Благовец, 7 април). Како што се прекажува кај турското население од Конче, за празникот во селото доаѓале и луѓе од Ракитец, од Липовиќ и од други блиски села населени во кои живееле Турци.

Турбето на Иса-бег од страна на локалното население се сметало за свето место и често било групно посетувано.Турбето, чии остатоци можеме да ги видиме денес, е само мал дел кој останал зачуван од новото турбе што било завршено во јули 1670 година. Според записи, димензиите на турбето приближно биле 8 метри на 7,5 метри (on zirâ’ altı parmak, eni dokuz zirâ’), со четири агли, подигнато на карпа со димензии, приближно, 74 метри на 9.6 метри, ѕидано од камен / тули.

Археолошки наоѓалишта на територија на Општина Конче
Организираното живеење на територијата на Општина Конче е присутно во континуитет уште од времето на предисторијата. Различните историски периоди наложувале прилагодување на организацијата и начинот на животот, што резултирало со разновидност и разностраност на материјалните траги од минатото. Интензивноста на организираниот живот се должи пред сè на географската положба (позиционираноста и близината до важни културни и економски подрачја и центри и постоечката патна инфраструктура во историските периоди), природните карактеристики и ресурси и климатските одлики на оваа територија. Ова подрачје било изложено на различни културни влијанија и под вакви влијанија локалното население создавало сопствени особености кои формирале основа за развиен општествен живот низ историјата. На целата територија се рекогнистицирани различни предисториски култури, а особено се карактеристични населбите и наоѓалиштата кои датираат од епохите на неолитот, енеолитот и бронзеното време. Богатството и разновидноста на присутните предисториски култури создале услови за понатамошен развој и уредување на начинот на живот и во понатамошните историски периоди. Понатаму, видливи се траги од материјалната култура на антиката, античката македонска, предримската и римската епоха.
Бидејќи на територијата на општината се пронајдени траги од сите историски епохи, тоа ги вклучува и епохите на средниот век, односно византиската (со сите нејзини особености) и османлиската култура.