Надлежности на општината
Според Законот за локална самоуправа, „Општина“ е единица на локална самоуправа,
како заедница на жителите на одредено подрачје, утврдено со закон, која преку
своите органи и преку администрацијата и организираните јавни служби, овозможува
вршење на надлежностите пропишани со закон. Општините се правни лица и своите
надлежности ги извршуваат преку органи избрани непосредно од граѓаните.
Прописи на општината
1.
Општината го уредува вршењето на своите надлежности со
статутот и други прописи.
2.
Со статутот на општината се уредуваат:
2.1.
Организацијата и работењето на органите на општината, организацијата и работењето на комисиите на советот;
2.2.
Вршењето на работите од членот 20 на закон за локална самоуправа; начинот на информирање на граѓаните;
2.3.
Случаите на исклучување на јавноста од седниците на советот;
2.4.
Начинот и постапката за доставување претставки и предлози за работата на органите на општината и постапување по нив;
2.5.
Начинот на организирање јавни трибини, спроведување анкети и прибирање предлози од граѓаните;
2.6.
Начинот на извршување на обврските од областа на одбраната во воена состојба, како и други прашања од значење за локалната самоуправа.
3.
Прописите на општината се објавуваат пред да влезат во сила.
4.
Начинот на објавувањето на прописите се уредува со статутот.
Општината е надлежна за вршење на следните работи
1.
Урбанистичко (урбано и рурално) планирање, издавање на одобренија за градење
на објекти од локално значење утврдени со Закон, уредување на просторот и
уредување на градежното земјиште;
2.
Заштита на животната средина и природата, во смисла на преземање на мерки
за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето,
заштита на природата, заштитата од бучава и нејонизирачко зрачење;
3.
Локален економски развој, во смисла на планирање на локалниот економски развој,
утврдување на развојни и структурни приоритети, водење на локална економска
политика, поддршка на развој на мали и средни претпријатија и на
претприемништвото на локално ниво и во тој котекст учество во воспоставувањето
и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4.
Комунални дејности, во смисла на снабдување со вода за пиење, испорака на
технолошка вода, одведување и пречистување на отпадни води, одведување и третман
на атмосферски води, јавно осветлување, одржување на јавна чистота, собирање,
транспортирање и постапување со комунален цврст и технолошки отпад, уредување
и организирање на јавниот локален превоз на патници, одржување на гробовите,
гробиштата и давање погребални услуги, изградба, одржување, реконструкција и
заштита на локалните патишта и улици и други инфраструктурни објекти,
регулирање на режимот на сообраќајот, изградба и одржување на улична
сообраќајна сигнализација, изградба и одржување на јавен простор за паркирање,
одстранување на непрописно паркирани возила, одстранување на хаварисани возила
од јавните површини, изградба и одржување на пазари, чистење на оџаците,
одржување и користење на паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини,
регулација, одржување и користење на речните корита во урбанизирани делови,
определување на имиња на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти;
5.
Култура, во смисла на институционална и финансиска подршка на културните
установи и проекти, негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични
културни вредности, организирање на културни манифестации, поттикнување на
разновидни специфични форми на творештво;
6.
Спорт и рекреација, во смисла на развој на масовен спорт и рекреативни активности,
организирање на спортски приредби и манифестации, одржување и изградба на објекти
за спорт, како и поддршка на спортски сојузи;
7.
Социјална заштита и заштита на деца, во смисла на финансирање, инвестиции,
одржување и сопственост на детски градинки и домови за стари, остварување на
социјална грижа за инвалидни лица, деца без родители и родителска грижа со
воспитно-социјални проблеми, со посебни потреби, од еднородителски семејства
како и деца од улица, лица изложени на социјален ризик, засегнати со злоупотреба
на дрога и алкохол, подигање на свеста на населението, домување на лица со
социјален ризик, остварување на право и воспитување на деца од предучилишна возраст;
8.
Образование, во смисла на основање, финансирање и администрирање на основни и
средни училишта во соработка со централната власт, во согласност со закон,
како и организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во
ученички домови;
9.
Здравствена заштита, во смисла на управување со мрежата на јавни здравствени
организации и објекти од примарна здравствена заштита во кои општината е
застапена во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост,
здравствено воспитување, унапредување на здравјето, превентивни активности,
заштита на здравјето на работниците и заштита при работа, здравствен надзор
на животната средина, надзор над заразните болести, помош на пациенти со
специјални потреби и други области определени со закон;
10.
Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на
граѓаните и материјални добра од воени разурнувања, природни непогоди и
други несреќи и од последици предизвикани од нив;
11.
Противпожарна заштита вршена од територијалната противпожарна единица;
12.
Надзор над вршењето на работи од надлежност на општината;
13.
Други работи определени со закон.